петак, 08. март 2013.

СЕЛО  ПОЖАРАНЕ

Пожаране е едно од поголемите села во Горни Полог.  Длабоко сместено  на терасесто земјиште од падините на Шар Планина, истото е со надморска висина од околу 900 метри. Низ историските записи се третира како старо село. Некогаш атарот на ова село се ширел многу далеку од селската населба и стигал се до котлинското дно на Полог. На една своја страна ова село некогаш граничело со селото Теново кое лежи покрај реката Вардар.. 

Пожаране е одалечено околу 15 километри северозападно од градот Гостивар. Од 2004 година ова село е под општината Врапчиште. Јужно од местоположбата на селото тече Пожаранска Река чиј што водостој во летниот период е сведен на минимум. Низ пожаранскиот атар во должина од седум километри поминува патот кој води до каналот Шарски Води преку кој се снабдува со вода Мавровскиот хидроенергетски систем.. Изградбата на каналот започна во 1969, а заврши во 1977 година. Од овој канал па нагоре кон запад води патот до непрегледните пасишта на Долна и Горна Локва, а на југозапад патот до Црно и Бело Езеро на Шар Планина. Иако локалитетот Долна Локва до сега не бил предмет на археолошки испитувања, сепак поубедливи се кажувањата од постарите дека на овој терен постојат темелни остатоци од средновековна манастирска градба  и  жандармериска станица. На потегот „Будин Гроб-Идризова Рупа“, постои извор наречен „Златна Чешма“. Неговото име се врзува со одблесокот на златната прашина распространета околу самиот изворот , која заедно со изворската водата излегува од утробата на земјата. Во услови на сончево време, одморот и глетката на ова место е вистинско доживување. Долу, во длабочината на не така стрмниот кањон, се протега реката „Маздрача“, на која  од двете страни на нејзиното корито се издигнуваат неколку  трла и бачила.

Од својата источна страна селото граничи со атарот на селата: Галате и Врапчиште, на запад со  Прошовце, од својата јужна страна со  Ново Село-Врапчишко и на север со Калиште и Ломница.

Во пишаните историски извори и записи, Пожаране за прв пат се споменува 1461 -1462 година. Тогаш во вакуфот на Мехмед –Бег се споменува „пат кој води до пожаранските воденици“, „пат кој води од Калиште до Пожаране“, пожарански лозја, „пат кој води од Пожаране до разрушената кула“, пожарански шуми, нивата Брајанова, Здравева и Горјанова.

Постојат и други пишани извори за Пожаране. Тие датираат од 1470 година и зачувани се во ваковската џамија на Кјебир Мехмед Челеби, син на Гази-Бег Исаковиќ во Скопје. Тогаш Кјебир Мехмед на своите синови им ги дал во вакуф трите села во тетовската кааза кој ги добил по пат на наследство од неговата мајка. Тоа биле селата: Галате, Пожаране и Прошовце. 


При одредувањето на границите на овие села, се наведуваат местата: „Долг Камен“ и „Будини Ливади“. Овие места и денес постојат во атарот на село Пожаране. Завештувањето на Кјебир Мехмед Челеби од 15 век било во правна сила се до 1912 година. Споменатата година селани од Пожаране за последен пат дале 10% од своите производи на некој си Нури-Бег од Скопје. Тој ова го трошел за издршка на едно скопско муслиманско светилиште наменето за богослужба.

За Пожаране постојат пишани записи и од 1595-1868 година во кои се наведува дека „селото било чисто православно со околу 60 домови.. Во 1900 година Пожаране имало 106 куќи., со 830 жители од кои 720 биле православни и 110 муслимански“. Тогаш Пожаране во најголемиот дел било населено со православни Македонци. Имало и нешто муслимани кои зборувале албански. Тие потекнувале од поисламизирани Македонци и од прави Албанци.

Во користените историски записи покрај другото се наведуваат и топографски називи за потесниот атар на селото: Свирчејци, Топличка Корија, Градиште, Коштањишта, Клуч, Девич, Долг Камен, Калишка Корија, Кали Поле, Соколец, Будимоо, Будимови Ливади, Раулки, Балабаница, Ракоец, Сама Бука, Пољанки, Стрга, Бела Земја, Ѓоклеме, Река, Прошовска Корија, Мургоец, Млаче, Локва, Стара Корија, Шавар, Релеец, Дробеш, Куќариште, Долга Ливада, Јуришки Гробишта, Метов Гроб, Попов Камен, Булина Чешма, Бабина Чебурка, Солишта, Репуше, Калај.
Ова село во периодот 1941-1945 година има дадено свој значаен допринос во ослободувањето на земјата од окупаторот, земајќи активно и непосредно учество во НОБ со свои борци, за кое нешто сведочи  тешката мермерна плоча, која во спомен на истите е поставена на една од селските чешми на селото. Како сведок од тоа време се споменува и името на  некогашниот партизан Блажо Даневски - Шарпланински .Тој бил учесник во војната од самиот почеток. 

Блажо Даневски - Шарпланински
Преживеал заточеништво, а како партизан соработувал со народните херои Чеде Филипоски и Гоце Стојчески. Бил ранет во десната рака во борбите на Сремскиот фронт (каде што земаат учество и поголем број на други борци од селото). Носител е на одликување „Ѕвезда со сребрени знаци“ на поранешната СФРЈ.
     
ПОЖАРАНСКИ БОРЦИ-УЧЕСНИЦИ НА СРЕМСКИ ФРОНТ
 Мешатни од селото ќе земат актовно учество и во првата световна војна, во чиј помен е изградена  една од селските чешми .
Стара спомен плоча поставена врз  една од  возобновените чешми во селото
 Во минатото, населението од селото  главно се занимавало  со земјоделство и сточарство.. Застапено било лозарството и овоштарството, а во помала мера и пчеларството. Поради опкруженоста со густи листопадни шуми, во селото се развиени и шумарството и дрвосечата. Поради непосредната близина со градот Гостивар, селото е економски поврзано со градот. Најпознати сточари се семејствата: Попоски и Ристоски.

Покрај горенаведеното, денес во селото егзистираат неколку семејства од производство на мед т.е. пчелари кои произведуваат ретко квалитетен мед. Најпознати фамилии на  пчелари од ова село се: Алексоски, Тофилоски, Петрески, Николоски, Димчески, Попоски, Спироски, додека како најпознати занаетчии-столари од минатото се споменуваат имињата на: Данески Илко, Николоски Дуко, Кироски Стефан и името на надалеку познатиот универзален мајстор од село Пожаране - Војноски Драгомир-Драге. 

Според пописот од 2002 година, во селото Пожаране живеат 26 жители, од кои:
•    Македонци 22
•    Албанци 4
Пожаране е едно од неколкуте претежно македонски населени села во Горни Полог. Познато е по својата автентична горнополошка носија, а се споменува и во повеќе народни песни како што е познатата народна песна „Благуно дејче“.

Традиционална пожаранска носија
 Времето минува а песната за убавата Благуња Ѓолова, ќерка на Никола, со задоволство се слуша. „Пожаранци се горди што за нивна сожителка била испеана антологиска песна, преку која селото ќе се споменува и никогаш нема да се заборави и да исчезне од колективната меморија“-ќе напише во еден свој текст  новинарот К.Кипроски..

                  Денес селото е поделено на неколку маала и тоа: 
Пожаране и неговите маала
-олно Маало со следните семејни домаќинства: Коцески, Антески,Попоски,Кироски,Спироски,Миноски, Војноски, Петкоски,Митрески,Симоноски,Николоски

-Јанковци Маало,со следните семејни домаќинства:
Јованоски,Томески,   Спироски, Даневски, Филипоски, Аврамоски,Ристоски,Имери,Ѓорѓиески, Велјаноски,
Стефаноски

-Волчевци, со следните семејни домаќинства: Алексоски, Велјаноски,Ефремоски,Даилоски,Тофилоски,Нестороски, Блажески,Лазарески,Илиески,Ристоски,Амети,Симјаноски,
Столески,Гргуши,

-Печовци, со следните семејни домаќинства: Петрески, Ристоски,

-Бучковци, со следните семејни домаќинства: Миноски, Јанкоски, Новески, Војноски, Мифтари,

-Будевци ,   со следните семејни домаќинства: Азири, Лимани, Османи, Нуредини, Деари, Јаја,

како и две нови населби:
-едната во месноста „Младинско“ (под Забел) на самиот влез во селото, и 
-другата во месноста „Јасика“ низ која води широк земјен пат преку кој се стигнува до Пожаранска стара воденица (воденицата на Виктор Петрески) и водените слапови со водопадите на селската река.  
Тука на Јасика во минатото, по иницијатива на младинскиот актив и покровителство на месната заедница на село Пожаране, се одржуваше турнир на скиање во спуст и каде на победниците им беа доделувани награди. На турнирот, активно учерство земаа сите младинци од селото кои вешто ракуваа со скиите. Иако турнирот во скиjање се изведуваше локално, на ниво на селото , сепак со право меѓу мештаните од Пожаране ова место се прикажуваше како „Пожаранска Попова Шапка“ 
Пожарански ентузијасти-скијачи на Јасика

На само двесте метри погоре и западно од „Јасика“ се наоѓа месноста „Лички Камен“. Карактеристично за ова место е тоа што на овој простор од околу 1000 м2 благо зарамнет терен се наоѓаат десетина огромни и специфични камени блокови, така поставени еден врз друг и многу лесни за искачување  што даваат идеални услови за починка и одмор над истите ,  како и  убав поглед кон селото , двете страни на Полошката Котлина и кањонот на Пожаранска Река..Во средишниот дел од карпите постои поголема пештера наречена „мечкина дупка“ која дава убава можност за времен заслон во случај на невреме. 
Веднаш покрај овие камени блокови се протега широк земјен пат кој селото го поврзува со соседното Прошовце како и каналот Шарски Води. 
Токму на овој потек, пестотини метри погоре, западно од Лички Камен се наоѓа „Почијалец“.  Месноста преставува благо заравнет терен од една поголема висорамнина , претежно ливади, пасишта и нискостеблеста шума. Тука, од левата страна на патот од памтивек се наоѓа стар извор на вода за пиење - чешма, а веднаш до неа можат да се забележат остатоци од темелна конструкција на објект во распаѓање. Овој објект во минатото беше познат како колибата на Ќамил ( по нејзиниот сопственик Ќамил Азири) кој со своето семејство беше настанат и живееше тука подолго време се до трагичниот настан кога високи пламени јазици го претворија во пепел неговото скромно живеалиште и однесоа со себе човечки животи. Бидејќи „колибата“ беше прилично оддалечена од селото, помошта на мештаните во гасење на опожарениот објект пристигна со задоцнување.

 Во селото постојат 2 цркви. Главната селска црква, која била изградена во 1912 година, се наоѓа во центарот на селото. Пред тоа на истото место постоел помал храм. Преставува Црковен Храм посветен на „Свети Никола“. Интерсено е што формата на градбата на овој храм е иста со формата на Црквата „Света Богородица“ во Гостивар. Од тие причини се претпоставува дека двата објекта ги имаат градено исти мајстори.  
Св.Никола

 Фрагмент од осветувањето на црквата во 1968 годинана
Подолу од селото се наоѓа капела „Св.Илија“, која е наречена „Илиница“ . Овој храм е изграден во далечната  1902 година од страна на: Герасим, Наумче и Јаков Тофилоски, а возобновен 2009 година од страна на нивните следбеници До неа се пристига по асфалтен пат. На Втори Август по повод патрониот празник Св. “Илија “ се одржува прослава пред истата. Тука на овој локалитет, добронамерник од село Пожаране ја возобнови од поодамна запоставената чешма за која нашироко се прикажува дека водата која што истекува од истата има лековито дејство. Името на добронамерникот и причините за возобновувањето на истата се врежани на мермерната плоча која е поставена на самата чешма..
Св.Илија

Возобновената чешма и нејзината лековита вода
По иницијатива на црковниот одбор на селото и несебично залагање на останатите жители, во месноста „Килментија“ се вршат подготовки за возобновување на разрушениот средновековен храм посветен на „Свети Климент“.

Симбол на село Пожаране, се до неговиот пад 10 октомври 2012 година, беше  дабот во месноста „Климентија“., Со латинско име Platanus orientalis, овој даб беше висок над 20 метри, распонот на гранките исток-запад , север- југ повеќе од 15 метри и со огромен пречник на стеблото во корен. Според легендите и преданијата, пожаранци верувале дека дабот го засадиле учениците на  „Св Климент Охридски“ кој кога поминувал по патот „Виа Игнација“ престојувал во месноста „Климентија“ . И навистина, научно е потврдено дека староста на дрвото е приближна со онаа на доаѓањето на „Св Климент“ тука во месноста „Климентија“ на село Пожаране, или пред  околу 850 години. 



Пожаранскиот даб веднаш по неговото паѓање
Дабот во село Пожаране преставуваше извонредна природна реткост, и токму затоа требаше да добие заштита и грижа од државата. Тој воедно беше  и достоен примерок за височината и ширината на природата и селото Пожаране. Дали падот на дабот во иднина ќе се прикажува  како божји прекор за човечката негрижа кон ваквиот дар на природата и исклучителната природна реткост, или можеби е господов предзнак за нешто ново и убаво што би можело во иднина да се случува во месноста „Климентија“ на ова село, ќе покаже времето. Во минатото, месноста Климентија и нејзиниот чинарот отсекогаш биле омилено место за среќавање и дружење. За време на велигденските празници, овој чинар преставувал чадор под чии крошни закрила барале младите невести променети во свечени селски носии како и останатите помлади  и постари жители на село Пожаране,  каде од раните утрински часови па до доцна навечер, придружувани од писокот на зурлите и татнежот на тапаните  се пееле велигденски песни, собирале пролетни цветови и се нишале на нишалките поставени на огромните ветки на дабовото дрво..
 
Исто така , за  село Пожаране мошне значаjнo за обележување е локалитетот „Соколец“ . Месноста „Соколец” лежи во атарот на  Пожаране, околу два километри северно од ова село и 300 метри високо над Полошкото поле. Претставува осамена варовничка карпа што се издига над околниот зарамнет терен, 25—30 м висока. Падините на карпата се сосем стрмни до вертикални, од југ и запад испукани и избраздени од ерозијата.
Во јужното подножје, на средина, стои мала пештера од која според преданието бил пробиен тунел нагоре, до врвот на карпата. Озгора се гледа широка околина многу километри на исток ,југ и северозапад.
Врвот на карпата е зарамнет. Во доцната антика било подигнато обѕидие од камен со вар, кое што опколувало овален простор со димензии 120 х 60/50 м. Северниот ѕид на средина е вовлечен под агол навнатре и тука се евидентни три ѕидни платна, допрени едно на друго. Се работи за две големи обнови на обѕидието. На тој простор се наоѓала и портата, а најлесниот (и главен) пристап оддолу водел по падината од североисточното подножје.
Во североисточното подножје, на рамна површина со големина до 2 ха, лежат остатоци од расфрлена истовремена населба. Оваа тврдина го контролирала патот од полето по долината на Маздрача кон преминот Враца на Шара, кој оттаму се спушта во долината на Дрим на запад. Во доцноримско време тука била повлечена граничната линија помеѓу  Македонија и Превалитана.( Превалитана била провинција на Римската империја , кoja ја покривала територијата на една од денешните Црна Гора , Србија и Албанија).

Пожарански Соколец
Во најстаро време се инсистирало на Соколец да биде сместен  загадочниот град Полог, меѓутоа просторот на карпата бил премногу мал за таа намена. Исто така, ниту во подножјето нема траги од некоја отворена населба од средновековието. Затоа на Соколец во тоа време престојувала само помала стража, контролирајќи го патот од Призрен преку планината „Шара“ и преминот „Враца“ кон Полошкото поле. Според кажувањата на постарите, името на ова место се врзува со еден настан. Така, кога преубавата Дева Марија поминувала по патот кој водел од Пожаране преку Катрање кон Калиште, ја здогледале Соколе и Спасен кои обземени од нејзината убавина, упорно ја следеле се до оваа карпа и кога стигнале на истата, Дева Мерија за миг изчезнала а Соколе и Спасен останале скаменети на самото место. По името на Соколе местото се нарекува Соколец, по името на Спасен се именува црквата „Свети Спас“ која била воздигната во подножјето на оваа карпа, додека по името на Дева Марија , една помала карпа која се наоѓа непосредно до Сколец се нарекува „Девич“. Истата е во цилиндрична форма и е  висока повеќе од 20 метри. До ова место се доаѓа од две страни. Од село Пожаране води живописна пешачка патека преку која до целта се стига за околу 45 минути нормално одење, додека од село Калиште направен е пат до самото место до кое се стигнува и со возило.
Ова место особено познато е по неговата исцелителска моќ. Историскиот податок зборува дека ова место е често посетувано од  лица од сите возрасти, пол и вероисповест, барајќи спасение за повеќе работи за кои медицината нема конкретно решение. Лицата кој што го посетуваат ова место-претежно лица без пород, на горниот дел од карпата престојуваат извесно време преку денот вкопани во земјените ровови направени за таа намена, додека во средината на карпата посетителите се провлекуваат низ пештерата која е со еден влез и два излеза, при тоа оставајќи на самото место делови од својата долна облека.

Во непосредна близина на ова село постојат остатоци од еден друг археолошки локалитет по име Катрање. Локалитетот претставува населба , црква и некропола од средниот век. Се наоѓа на околу еден километар северно од селото, на една блага падина, каде се гледаат грамади од кршен камен и покривни ќерамиди. Населбата се наоѓа непосредно до изворот. На северниот раб на локалитетот има грамада од кршен камен и темели од еднокорабна црква, а сосема близу до неа се среќаваат големи камени плочи од гробни конструкции. Локалното предание кажува за постоење на црквиче со име „Св. Спас“.

Царева Чешма или Јуришки Гробишта е исто така археолошки локалитет во ова село. Локалитетот претставува доцносредновековна некропола. Се наоѓа на околу 5 километри западно од селото, на мало зарамнето плато, каде се среќаваат камени плочи од гробни конструкции - тип циста. 


И „Градиште“ е археолошки локалитет во атарот на село Пожаране. Локалитетот претставува утврдена населба од железното и римското време. Се наоѓа на околу 500 метри северно од месноста „Топлички Извори“,  на самиот почеток од патот кој води за селото Пожаране,   на доминантен рид во чие подножје е каменоломот, каде се гледа траса од фортификација, а по површината на градиштето се среќаваат грамади од градежен материјал, фрагменти од керамички садови, питоси и др. На североисточната страна се зачувани делови од бедемот кој е граден во сувоѕидица и има дебелина од два мерта. Градиштето е отворено кон Полошко Поле и е пристапно само од западната страна каде со благ превој се врзува со расклоненијата на Шар Планина. Се прикажува дека во обѕидието на калето постои влез кој води до една огромна подземна пештера која до ден денес сеуште не е целосно истражена. 

Пожаранско Градиште
Денес тука на самото место поставени се два репетитори на мобилната телефонија, а во непосредна близина на локалитет се наоѓаат Пожаранските лозја . За разлика од денс, каде што сите лозови насади се запоставени и обвиени во коров, во минатото тука со денови се работело на гроздобер од кој се правело познатото пожаранско вино и   комова ракија.
  Уште во далечната 1960 година а и пред тоа, кога Пожаране територијално потпаѓало под општина Врапчиште на тогашната Тетовска околија, во ова село постоело основно училиште до шесто одделение, со над стотина ученици и потребен број просветни работници , било да се тоа мештани од село или тука распоредени за работа од другите делови во Државата . Денес селското училиште целосно е напуштено и руинирано. Само натписната табла која и понатака стои  над влезната врата од објектот, како и по некој испишан лист од хартија во училниците и ходникот, сведочат за постоењето на ова училиште и некогашната училнишна настава која се изведувала во него.
Пожаранки ученици во учебната 1969-1970 год.

  Во селото, подолго време наназад работи метеролошка и градобијна станица како и неколку базни станици на мобилната телефонија, сето тоа за потребите на жителите како и стопанските и општествените субјекти  во Полошката Котлина.
Метеролошка станица
За селото не постојат писмени записи туку историјата е запамтена со кажувања од колено на колено, од постарите на помладите генерации. Една од тие легенди и преданија зборува дека во минатото кога господ-Бог со своите поданици минувал по овие предели на Полог, на секој од нив поединечно им определил по еден посед , со задача на истиот да  формираат  населба за живеење на луѓето. Атарот на кој сега се протега село Пожаране го оставил за себе од каде најубаво можел да ги надгледува и контролира другите. Бидејќи еден од неговите поданици останал нераспореден, и тој побарал да му биде доделен имот како и на останатите. Тогаш  местото кој што го чувал за себе, господ –Бог нему му го подарил велејќи му дека тоа е негов ксмет но и задача истото да го преуреди во голема селска населба што и било сторено. Поради тоа, селото Пожаране во преданијата е познато уште и како „Господово Место“..
Повеќе податоци за селото се наоѓаат во државните историски архиви. Во периодот на двете светски војни или поточно 1929 година, село Пожаране егзистира како центар и општина на четири села со 116 куќи и 633 жители, за кое нешто покрај другото сведочи и металниот банкарски сеф кој до денес се наоѓа во просториите на задружниот дом на селото. И уште неколку историски податоци: Во ова село веднаш по ослободувањето, проработува рудникот за ископ на железна руда и килимарата, селото се вбројува меѓу првите  кои се електрифицирани, станува село со најголем број на просветни работници , има сопствена драмска секција со сопствен младински дом и сала за изведување на драмски претстави, гради сопствен водовод како и сопствен пристапен асвалтен пат до селото..Во моментов најстара пожаранка  е Тофилоска Алексија,  додека најстар пожаранчанец е Нестороски Чеде.

Иако селото од поодамна има свој сопствен водовод, сепак Пожаране уште долго време ќе се споменува како село на многу чешми. Гујчиница, Живкова Чешма, Јаноска, Пикеец, Јанческа, Волческа, Бучкоска се само некои од нив многуте.

Една од многуте чешми со спомен плоча на  паднати борци во НОБ
По иницијатива на Месната заедница, во ова село изграден е каскаден канал за проток на вода, а во дворното место на пожаранецот Владо-Тофо изграден е спортско рекреативен базент од отворен тип. 

Во селото далечната 1928 година, бил изграден Пожарански општински дом. По ослободувањето објектот се користел како  задружен дом кој активно вработувал население на ова село во тогашната  ќилимара, која ангажирала претежно млада женска популација. Во истиот објект престојувале и работници кои работеле во ископ на железна руда од рудниците на ова село.
Подоцна домот станува селско училиште, а по изградбата на друго ново училиште, просториите   на овој дом се користени од Месната заедница и дел дадени на користење на селската продавница. Непосредно до домот постои уште еден помал објект кој порано се користел како Културно-младински дом. Драмската секција на ова село, во  домот изведуваше повеќе драмски изведби, додека основците од селското училиште приредби за жителите по повод поголеми државни празници. Веднаш до него е и спомен паркот „Тито“.

Пожаранскиот Дом
Во селото Пожаране се слават повеќе црковни слави.  Меѓу нив најпосетен е верскиот празник „Божик“ каде секоја година во одаите на селската црква „Св.Никола“ свечено се прославува Христовото раѓање. На самото место,  од страна на кумовите , на писутните гости им се приредува забава со свечен ручек. Празникот „Водокрст“ организирано и свечено се прославува во  Волчевско Маало, националниот празник „Илинден“ во месноста „Илиница“ а се до 2000 година и под покровителство на Месната заедница од селото, на втори мај и селскиот стадион во месноста „Забел“ се одржуваа надалеку познатите „Пожаранските мајски средби“ со богата културно уметничка програма и присуство на  естрадни уметници и гости од сите краишта на државата и поранешните ЈУ простори. 
Првите мајски пожарански средби

Забел- селскиот стадион
-Во село Пожаране, првите зачетоци на просветителската дејност тесно се поврзани со работата и имињата на тогашните свештеници: Петровиќ Захарије и Поповиќ Ефто.
 Во поновата историја на селото, посебно место во оваа дејност со право и се придава на универзитетскиот професор Крстески Игно и неговите следбеници- исто така универзитетски професори: Петрески: Бранко, Тодор, Радe, Благуња, Виолета и Елена, Спироска Лидија, Николоска Димка,  , Фејзи Милаим,  како и  универзитетските професори од европски ранг: академик Синиша Станковиќ -истакнатиот еколог и лимнолог , основач на Хидробиолошкиот завод и браќата Давидовиќ-од кои Никола се јавува како оснивач на Факултетот по туризам и угостителство во Охрид.
 

Пожарански ентузијасти кои биле на печалба во Белград, далечната 1928 годиана формираат  фудбалски клуб на селото, надалеку познат како ФК-„ШАР“ –Пожаране. Првиот позначаен натпревар на овој клуб пожаранци го имаат одиграно со „БСК“-Београд, а на селскиот стадион во Пожаране, се споменува фудбалскиот натпревар со клубот на тогашните воени власти од Гостивар.. 
    Пожаранските фудбалски ветерани
Виде П, Десо Н, Лазе П, Илија А, Емин А, Мате Т, Драге А, Ѓоко Ѓ, Влајко Т, Глишо П, Спирко А, Косто С и претседател на клубот Петре К.

Легендите на пожаранскиот фудбал

Како најдокажана генерација која дала најдобри фудбалски резултати и фудбалери се смета генерацијата  1965 - 1985 година од кои доста играле и во регионални и општински фудбалски лиги во Гостиварскиот, Тетоскиот регион и пошироко.  Најистакнати фудбалски имиња од овој период се: Ѓорѓиески Ѓоко, Петрески Лазе, Илиески Јорде, Адемовиќ Азир, Ристоски Крсте и Десо, Алексоски Трајко и Деспот, Томески Тодор, Лазарески Владе, Јорданоски Веле, Даилоски Тике, Тофилоски Слободан, Јованоски Борче, Антески Борче, Данески Томе, Димчески Јоше и Јордан, Ристоски Љубе, Петрески Моме, Боге и Јане, и други,  додека како прв фудбалски судија од ова село се споменува името на Војноски Тодор и неговите следбеници Алексоски Трајко и Ѓорѓиески Витомир. Најистакнат фудбалски работник од селото е Слободан Тофилоски, под чија диригентска палка се водени повеќе фудбалски клубови како што се : „Шар“-Пожаране,  „Хајдук“-Зубовце, „Вардар“ од с.Вруток  и  „Гостивар“од Гостивар. На последниот клуб и посветува најдол период од својата тренерска кариера. Најголем дострел на овој спортски работник е титулата виши тренер на младинската фудбалска репрезентација на Македонија. Во 1972 година во село Пожаране а по повод нациолналниот празник „Илинден“ и свеченото пуштање во употреба на селскиот водовод,  на селскиот стандион одигран е натпревар помеѓу „Шар“-Пожаране и републичкиот второлигаш “Тетекс“-ТетовоНатпреварот заврши нерешено 2:2. 
Оснивачи на фудбалскиот клуб „Шар“Пожаране-Белград 26.03.1933 година
 
Кон крајот на 19 и почетокот на  20 век, мештаните од ова село заминувале на печалба низ републиките на поранешна Југославија како и други земји на балканот: Румунија, Бугарија, Турција, Грција,  таму се стекнувале со напредни идени и сознанија за животот и истите подоцна  ги пренесувале во селото. Каде што работеле постигнале доста успех. На почетокот работеле како наемни работници, а потоа отворале свои дуќани, претежно фурни, слаткарници и народни кујни, така што до ден-денес нема фамилија од селото што нема роднини скоро во сите поголеми градови во Србија, Црна Гора, Бугарија, Румунија  како и во поразвиените запднo eвропски држави, Австралија Канада  и Америка.

Во таа смисла Пожаране е меѓу ретките села во Горни Полог кој во почетокот на 19 век има формирано свој тамбурашки оркестар.  Негов основач  бил  учителот Јозо кој ја испеал и првата песна посветена на селото под наслов „Прошетао сам се кроз пожаранске уске стазе“..
Низ историските записи кои датираат од 19 век Пожаране е преставено како село од збиен тип. „Куќите биле поредени во пет маала кои се викале: Долно, Јанкоско, Волческо, Џолеско и Будеско маало. Само во последмното маало живееле муслимани, додека останатите маала биле со македоско население. Во  1947 година Пожаране броело 22 рода  со 97 домови“
Како оснивачки родови на селото се наведуваат следните:

-Томевци- кои ја славеле селската слава Спасовден. Од овој род исселни семејства има  во Челопеке, Тетово, Скопје и Свилајнац.  


-Јанковци- кои ја славеле селската слава Св.Никола. Од овој род исселени семејства има  воТетово, Белград и Букурешт.
 

-Јановци- кои ја славеле селската слава Митровден. Од овој род исселени семејства има  во Тетово, Румунија и Америка.
 

-Ивановци- кои ја славеле селската слава Петковден. Овој род имал исселени семејства во Тетово, Скопје и Бугарија.
 

-Бушевци- куќна слава Св.Никола и Спасовден. Од овој род исселени семејства има  во Тетово, и Букурешт.
 

-Милчевци- куќна слава Варвара. Од овој род исселени семејства има  во Тетово, и Русија.
 

-Бучковци- куќна слава Св.Ѓорѓија. За овој род (на кој припаѓа и авторот на овој текст Боге В)., постои запис дека потекнува од областа  Радомир-Албанија. Од овој род исселени семејства има  во Галате, Тетово, Скопје и Белград.
 

-Бозовци-куќна слава Св.Никола. Потекнува од селото Шуљ-Љума-Албанија. Според преданието таму биле три брата од кои еден бил по име Џико. Поради крвна одмазда, да не бидат убиени, браќата во Албанија привидно се потурчиле и на тој начин дошле во соседното село Прошовце, каде продолжиле да живеат како православни. Подоцна, пред околу сто години дошле во Пожаране. Се споменува името на Мицо, кој бил роден во Прошовце, потоа Никола и Јован. Во Пожаране една гранка од Шутевци повторно го превзела исламот (Џикови потомци) а подоцна се нарекувани Исмаиловци. Шутевци имале исселени семејства во Скопје и Неготинска Краина.
 

-Ремедовци- куќна слава Митровден. Овој род потекнува од калајџии кои од непознато место се населиле во Пожаране.
 

-Чавдаровци- куќна слава Св.Никола. За овој род легендата зборува дека нивните предци биле „Куцовласи“ Во почетокот се занимавале со одгледување и чување на добиток по „Шар Планина“ а потоа пред 160 години  постојано се населиле во Пожартане. Се споменува името на Андон, Спиро, Дамјан. Од овој род исселени семејства има  во Здуње, Тетово, Скопје, Крагуевац, Бугарија и Румунија.
 

-Болевци- куќна слава Петковден. Овој род потекнува од  Чаје или Радомир-Албанија. Во Пожаране дошле пред родот Шутевци и имаат свои семејства во Тетово, Скопје и Белград.
 

-Волчевци- куќна слава Св.Никола. Овој род, (на кој припаѓа авторот на текстот Слободан Т) и кој броел „шест куќи“, се доселил од соседното албанско село Прошовце, но има запис дека нивното потекло е од Чаје во Љума. Во Пожаране живееле од пред 150 години. Се споменува името на Јаков, Тофил, Смилко, Петре. Од Волчевци преку Пожаране овој род има свои семејства во Тумчевиште, Скопје и Румунија.
 

-Бошковци- овој род е по потекло од Прошовце. Во Пожаране биле дојдени пред околу 80 години. Се споменува името на Јоше, Тодор, Никола, Анѓелко.. Оснивач на овој род бил Анѓелко кој работел како свештеник во село Прошовце. Имал свој брат по име Змејко. Легендата зборува дека „Змејко бил силен и јак како змеј“.На нивниот род албанците не смееле да напаѓаат. Еднаш кога Змејко бил на пазар во градот, албанците го нападнале Прошовце и ја заплениле стоката од родот на Змејко. Змејко со намера да ја поврати стоката започнал борба со албанците, во која и погинал. Кога роднините дознале за ова, сите се преселиле во село Пожаране. Овој род свои семејства има во Скопје, Неготинска Краина, Софија.
 

-Коруновци- куќна слава Св.Никола. Овој род потекнува од Прошовце, која во времето на зулумите пребегнале во село Пожаране. Една гранка на овој род се преселила во Зубовце.
 

-Степановци- куќна слава Св.Никла. Овој род потекнува од Прошовце, при што една гранка од родот подоцна се преселила во Галате и Скопје.
 

-Карлучовци-куќна слава Св.Никола. Овој род по потекло е од Галате, подоцна нивен предок најнапред преминал во тетовското село Желино, таму се презадолжил  поради што подоцна пребегал во Пожаране како домазет на родот Карлучевци. За овој род се наведува дека подоцна изумрел.
 

-Печовци- куќна слава Варвара. По потекло овој род е од Пеќ, кој се наоѓа во околината на Пешкопеја-Албанија. Нивните стари кумови живееле во Г.Боновици-Атанасковци. Две семејства од овој род живееле во Тетово-се споменува името на учителот Тодор, и едно семејство во Белгард.
 

-Смилковци- куќна слава Митровден. По потекло овој род е од соседното село Катрање.  Во Пожаране дошле во 1900 година. Од овој род исселени семејства има воТетово, Куманово и Цариград.
 

-Кироски- куќна слава Св.Никола. Овој род потекнува од албанското село Жеровјане. По едно семејство од овој род живее во Радијовце и Румунија.


Иако во Пожаране животот од ден во ден се повеќе замира, сепак за ова село сеуште постои надеж .Таа лежи во  срцата на новата генерација млади луѓе-пожаранци што доаѓа, од која со право се очекува да направи нови и далеку позначајни чекори од повозрасните во насока животот во ова село повторно да заживее ако не засекогаш барeм повремено во текот на  годините кои што следат односно наидуваат . И се така  ред по ред до бесконачност, додека постоиме ние, село Пожаране, додека постои светот...
_______________________________________
Автори на текстот: Боге В  и Слободан Т.




Драги Пожаранци!
Да не дозволиме за историјата на село Пожаране да пишуваат другите.Тоа треба да го сториме ние самите . Токму и нашата замисла е на идните поколенија пожаранци да им оставиме некаква трага која говори за историјата на село Пожаране. Податоците до кои дојдовме и кои датираат од најстарите времиња, на интернет страницата јавно ги презентираме со цел истите да бидат достапни до пошироката читателска публика. Свесени дека со нив ни оддалеку не е исцрпена историјата на ова село. оставаме отворен повик, а се надеваме и поттик за нашите сограѓани да продолжат со барање на нови и нови историски податоци за селото,   што ќе придонесе да се создаде поточна и појасна претстава за минатото, сегашноста и иднината на  Пожаране.

Со длабока и искрена почит до сите Вас од авторите на текстот.


Преостанати блогови за село Пожаране: